Спортинг Лисабон продолжува со блескави игри во Лигата на шампионите откако убедливо со 4:1 го победи Манчестер сити во дуел од четвртото коло. Со оваа победа Спортинг стигна до 10 бода, додека Сити го претрпе првиот пораз и остана на седум бодови во елитната лига на УЕФА.
Мечот во Лисабон не најавуваше дека домаќините може убедливо да победат ако се знае дека Сити прв даде гол. Фил Фоден погоди за 1:0 за гостите само по четири минути игра.
Сепак, Спортинг не се уплаши и не се предаде. Предводени од нивниот најдобар играч Виктор Ѓекереш, до крајот на дуелот направија неверојатен пресврт. Ѓекереш погоди пред крајот на првото полувреме за 1:1.
Фуриозен беше стартот на Спортинг во вториот дел. Домаќините постигнаа два гола во првите три минути и со тоа ја најавија победата. Араухо погоди за 2:1, а потоа Ѓекереш од пенал зголеми за 3:1.
Потоа Сити имаше шанса да намали на 2:3 од пенал, но шутот на Ерлинг Халанд заврши во пречката. Одличната игра на Спортинг и на Ѓекереш беше крунисана со хет-трик откако повторно погоди од пенал, овојпат во 81-вата минута за 4:1.
На клупата на Спортинг беше Рубен Аморим, кој за неколку дена ќе биде промовиран во нов тренер на Манчестер јунајтед. За Аморим нема подобар начин да си замине од Спортинг, а да го најави доаѓањето на „Олд Трафорд“.