Новиот тренер на ГРК Охрид, Борис Ројевиќ, смета дека македонската лига е најсилна на Балканот и затоа решил да работи тука, прифаќајќи го предизвикот од Гладијаторите да направи тим кој ќе им биде конкуренција на Еурофарм Пелистер, Вардар 1961 и Алкалоид.
„Веќе при првиот разговор со луѓето од клубот, а особено со градоначалникот Пецаков, ја почувствував искрената желба, сериозната амбиција и големата љубов кон ракометот. Таа енергија веднаш ме привлече и беше клучна да ја донесам одлуката да дојдам во клубот, но и во земја каде што ракометот се доживува со толкава страст – можеби и најмногу на целиот Балкан“, вели Ројевиќ.
Србинот додава дека во претстојната сезона тимот влегува со многу ентузијазам и мотивација. Тимот е значително променет, пристигнаа девет нови играчи, има добра мешавина од искуство и младост, но како и за секој нов тим, ќе биде потребно време сè да дојде на своето место.
„Македонската лига е без сомнение најсилна на Балканот. Пелистер игра во Лигата на шампиони, Вардар во европско натпреварување, а Алкалоид е актуелен освојувач на ЕХФ Европскиот Куп и оваа сезона игра квалификации за Европската лига. Тоа доволно зборува за квалитетот на натпреварувањето и предизвикот што е пред нас.
Ние ќе одиме трпеливо, чекор по чекор, со вера во работата, стабилноста и поддршката што ја чувствуваме од луѓето и навивачите во Охрид. Нашата цел е јасна – да изградиме тим што ќе биде препознатлив по борбеност, заедништво и карактер. Верувам дека во текот на сезоната ќе успееме да го израдуваме нашиот град и нашата публика“, заклучува Ројевиќ.