Новиот тренер на Реал се восхитува на Лионел Меси

Новиот тренер на Реал Мадрид, Сантијаго Солари, всушност е и голем обожавател на капитенот на Барселона, Лионел Меси. Аргентинецот Солари во суперлативи зборува кога треба да се опише играта на ѕвездата на каталонскиот гигант. Тоа и не е неочекувано, ако се знае дека Солари и Меси се родени во ист град, во Росарио.

По освојувањето на четвртата Златна топка на Меси во 2012 година, Солари во една колумна не штедеше зборови.

„Головите на Меси делуваат како земјотрес, како громови, како урагани. Тоа се атмосферски феномени. Секојпат кога Меси ќе ја добие топката, земјата се тресе, сите замолчуваат, а противничките тренери ја спуштаат главата долу, ги ставаат рацете во џебовите, токму како кога некој ќе види молња и чека да удри гром. Сите треперат неколку секунди, а потоа се слуша ударот“, напиша Солари пред шест години за играта на Меси.

Солари не крие дека му е жал што Меси одбрал да игра во Барселона, а не во Реал Мадрид. „Меси одбележа една ера, за наша жал, тоа е во Барселона. Би сакал тој да беше во Реал Мадрид“, додава аргентинскиот стратег, кој не заборава да спомене дека Меси е како да игра некој друг спорт и е неверојатен, како никој до сега.

Ако Солари ја добие довербата да остане прв тренер на Реал, до крајот на сезоната ќе мора да најде начин како да го сопре својот сонародник и фудбалерот кому најмногу му се восхитува, бидејќи сега тој е еден од оние противнички тренери кои чекаат „да удри громот“.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести