Новитет на Копа Америка – розов картон

Судиите на претстојното издание на Копа Америка ќе имаат „дополнителна опрема“, розов картон.

Јужноамериканската фудбалска конфедерација (Конмебол) донесе одлука на Копа Америка да се воведе и розов картон кој ќе им овозможи на селекторите на репрезентациите да направат дополнителна измена во текот на мечот во случај на повреда на главата или на потрес на мозокот на фудбалер.

Ако играчот заработи повреда на главата за која лекарските екипи се сомневаат на потрес на мозокот или потешка повреда, главниот или четвртиот судија ќе бидат известени за тоа и потоа ќе можат да покажат розов картон.

„Одборот на Конмебол за натпреварување и операции најави дека освен петте размени кои се дозволени досега, ќе се воведе и шеста. Таа дополнителна размена ќе биде дозволена само во случај на сомнеж за повреда на главата и на потрес на мозокот. За тоа ќе мора да бидат известени главниот судија или резервниот, четврти судија, а ќе се користи розов картон“, стои во соопштението на Конмебол.

Според правилата, играчот кој ќе биде изнесен од игра, веднаш ќе биде однесен во соблекувалната или во болница на детални лекарски прегледи.

Клупските лекари ќе мораат да пополнат образец во медицинската комисија на Конмебол во рок од 24 часа, во кој ќе ги опишат проценките за повредата без разлика дали играчот бил разменет или не.

- Оглас -

Најнови вести