Нема крај на изненадувањата на Европското кошаркарско првенство, откако попладнево, селекцијата на Грузија ја победи Франција во меч од осминафиналето. Грузијците кои беа како апсолутни аутсајдери пред средбата, на крајот победија со 80:70 и ги испратија Галските петли дома.
Уште од самиот почеток Грузија покажа дека не се плаши од фаворитот и поведе со 14:7. Грузијците предноста ја чуваа речиси и во текот на целата втора четвртина, а на полувреме заминаа со минимална предност од еден поен (38:37).
На почетокот од третата четвртина Франција стигна до нивната најубедлива предност од четири поени (44:40), но потоа следуваше серија од 10:0 за Грузија и повторно тие го превземаа водството, а во последната решавачка четвртина влегоа со четири поени предност (58:54).
На почетокот од последната четвртина Грузија стигна и до највисоки девет поени предност (63:54). Франција собра сили да стигне до нерешено (66:66), но во решавачите моменти Грузија беше подобра. Со серија од 6:0 стигнаа до 74:68 и потоа ја сочуваа предноста до крајот и се пласираа во четвртфиналето на континенталниот собир.
Ова е второ големо изненадување во осминафиналето, откако синоќа Финска славеше над првиот фаворит за златото, селекцијата на Србија.