Серијата изненадувања на Вимблдон продолжија и денеска. Францускиот тенисер Артур Риндеркнеш кој е на 72 место на АТП листата, со 3:2 во сетови го елиминираше Александер Зверев, во меч кој започна вчера а заврши денеска и тоа по речиси пет часа борба.
Уште од стартот на мечот стана јасно дека ова ќе биде многу неизвесен и израмнет меч. Во првите два сета воопшто немаше ниту еден брејк, па се играа тај-брејка. Во првиот сет подобар беше Французинот и го доби со 7:3, додека во вториот беше многу понеизвесно. Риндеркнеш водеше со 7:6 и имаше сет топка за 2:0, но Зверев се спаси и на крајот го доби овој сет со 10:8 за израмнување на 1:1 во сетовите.
Во третиот сет се случи и првиот брејк и тоа во корист на Риндеркнеш кој поведе со 3:1. При водство од 5:3, Риндеркнешнаправи уште еден брејк и го доби сетот со 6:3.
Потоа во четвртиот сет имаше пресликување на првите два сета и двајцата тенисери беа сигурни на свој сервис, па мораше повторно да се игра тај-брејк. Тука Риндеркнеш започна одлично и поведе со 4:1. Потоа Французинот имаше и 5:3, но потоа Зверев заигра на посакувано ниво и освои четири поени по ред за 7:5 и израмнување на 2:2 во сетови.
Во решавачиот петти сет, клучниот момент се случи кога Риндеркнеш направи брејк за водство од 3:1, а потоа Французинот беше сигурен на свој сервис и на крајот го доби со 6:4 за голема победа над фаворитот.
Во првото коло на Вимблдон испаднаа Данил Медведев, Стефанос Циципас, Хелдер Руне, а од сензационална елиминација се спаси Карлос Алкарас кој победи во меч кој имаше пет сета.