Ново шоу на Мурињо: Фрлам парички во воздух и така одбирам кои играчи ќе бидат стартери (Видео)

Фенербахче со 4:1 славеше на гостувањето кај Башакшехир и ги задржи теоретските шанси да се бори за титулата во турското првенство. По завршување на мечот со Башакшехир, Мурињо беше запрашан зошто постојано ги ротира стартните 11 и како решава кои играчи ќе бидат на теренот од првата минута.

Одговорот на Мурињо беше во негов стил.

„Имам 25 парички и ги фрлам во воздух. Оние кои ќе останат на масата играат во првиот состав, останатите одат на клупата за резерви. Токму така правам. Во текот на неделата се забавувам. Секоја вечер одам во ноќните клубови во Истанбул. А, кога ќе дојде време да се одберат стартните 11 играчи, во воздух ги фрлам паричките на кои се ликовите на фудбалерите и оние 11 кои ќе останат на масата, се стартерите. Толку е едноставно“, рече Мурињо.

Португалскиот стратег во кариерата ги има освоено најголемите трофеи. Со Порто и Интер беше европски првак, а има и титули во националните првенства. Како тренер на Челзи три пати беше шампион во Англија. Титула во првенството има и со Реал Мадрид, а со Манчестер јунајтед ја освои Лига на Европа. Како тренер на Рома се радуваше во Конференциската лига.

Сепак, сезонава Мурињо веројатно ќе остане без трофеј со Фенербахче, затоа што заостанува пет бодови и има меч повеќе од лидерот во турското првенство, тимот на Галатасарај.

- Оглас -

Најнови вести