Ново соопштение: АЕК бара од ЕХФ мечот против Алкалоид да се игра, ама под нивни услови

Откако Европската ракометна федерација (ЕХФ) одлучи да покрене дисциплинска постапка и против Алкалоид и против АЕК поради неодиграниот реванш-меш од финалето на Европскиот куп, иако не е јасно каде е грешката на нашиот претставник, од грчката екипа се јавија со ново соопштение, во кое се чудат зошто се предадени на дисциплинската комисија, но и бараат мечот повторно да биде закажан и да се игра, но под нивни услови.

АЕК сега прифаќа да добие 200 билети, но во салата да има 1.800 навивачи на Алкалоид, но забораваат да споменат дека на мечот во Атина, Алкалоид доби 170 билети, а АЕК имаше 8.500 навивачи.

„Од првиот момент целото раководство на АЕК води огромна битка со цел да ги заштити не само честа и достоинството на клубот и нашите навивачи, туку и на грчкото ракометно првенство и на нашата земја. Од првиот момент се боревме и сѐ уште се бориме како АЕК, дури и за многу сериозни прашања, како што е нашата реакција на крајно провокативниот чин – да не им се дозволи на грчки граѓани законски да ги преминат границите за да отпатуваат во друга европска земја.

Водевме и сѐ уште водиме битки на сите фронтови, со единствено оружје – нашето право, во име на еднаквоста што треба да владее на секој спортски настан, особено пак на еден европски финален натпревар. Го поздравуваме писмото на Ракометната федерација на Грција до Европската федерација и објавата со која, од една страна, сѐ се појаснува, а од друга страна, се поставуваат прашања што мора да се постават – прашања кои ја откриваат и јасната намера во општото однесување на домаќините со цел да нѐ доведат пред свршен чин и да се натпреваруваме во очигледно нерамноправни услови кои тие ги создадоа.

Претставниците на грчката федерација беа присутни и сѐ видоа и разбираа. Присутни беа и претставници од Европската федерација, кои многу добро знаат што се случуваше на безбедносниот состанок што тие го свикаа, што беше договорено и кој ги испочитува, а кој не ги испочитува договорите.

Се надеваме дека ќе се издигнат на висината на околностите и со својата одлука ќе докажат дека сакаат сите натпревари да се одлучуваат на терен, според правилата што самите ги имаат поставено.

Барањето – кое не е само наше, туку и на сите што навистина сакаат натпреварите да се одлучуваат на терен под услови на правда и еднаквост – е вториот финален натпревар да се закаже повторно и да се применат правилата на Европската федерација, кои беа прекршени од страна на Алкалоид, а не од АЕК. Напротив, АЕК организираше извонреден прв финален натпревар, без да се појави ниту еден проблем – ниту со безбедноста, ниту со нашето гостопримство. Во истата сала, инаку, каде што само четири дена претходно се одигра завршниот турнир на Лигата на шампионите на ФИБА, со мирно присуство на навивачи од АЕК, Малага, Тенерифе и Галатасарај.

На крајот, кој навистина може да го оправда и поддржи ‘блокирањето’ на границата и забраната за законски влез на грчки граѓани, произволно и без ограничувања, кога немаше никаква официјална препорака за забрана на патување – ниту индивидуално, ниту организирано? Зошто не беше испочитуван пропишаниот од Европската федерација принцип ’90-10′? И откако, наводно од „безбедносни причини“, беа доделени 200 билети за навивачите на АЕК, зошто тогаш не беа 1.800 билетите за навивачите на Алкалоид, туку гледавме полна сала со повеќе од 6.000 Македонци?“, се вели во соопштението на АЕК.

- Оглас -

Најнови вести