6.8 C
Skopje
четврток, 30 октомври 2025

Ново животно искушение за српскиот кошаркар: На Никола Топиќ му е дијагностициран рак на тестисите

Генералниот менаџер на Оклахома сити тандер, Сем Прести, денес објави потресна вест. На српскиот кошаркар Никола Топиќ му е дијагностициран рак на тестисите.

Ова претставува нов тежок удар за 20-годишниот талентиран бек, кој минатата година беше избран на НБА-драфтот, но сè уште нема дебитирано во најсилната кошаркарска лига во светот.

„Би сакал да споделам нешто важно за Никола Топиќ. Како што знаете, тој имаше хируршка интервенција на почетокот од подготовките за сезоната. Операцијата, изведена во Хјустон беше неопходна за да се потврди дијагнозата — рак на тестисите. Во овој момент најважно е Никола целосно да се посвети на лекувањето. Ќе се врати на паркетот кога ќе биде подготвен, не поставуваме никакви рокови. Му ја даваме нашата безрезервна поддршка, љубов и охрабрување“, изјави Прести.

Никола Топиќ важеше за еден од најперспективните српски кошаркари на својата генерација и многумина му предвидуваа блескава кариера. Сепак, неговиот развој беше прекинат уште во пролетта 2024 година, кога како член на Црвена ѕвезда доживеа тешка повреда и мораше да паузира цела година. За жал, по последните случувања извесно е дека неговото враќање на терените ќе се одложи уште подолго.

- Оглас -

Најнови вести