На Светското клупско првенство за првпат се примени новото правило познато под името „осум секунди“. На мечот Мамелоди против Улсан, голманот на африканската екипа, Ронвен Вилијамс во 83-тата минута ја држеше топката во своите раце подолго од предвидените осум секунди.
Главниот судија Клемен Турпин, кој е еден од најдобрите во Европа, ја прекина играта, а многумина од навивачите на трибините беа збунети зошто е прекинот.
Турпин со рацете го сигнализираше бројот осум, а по новото правило тоа значи дека има корнер за противничката екипа. Улсан изведе корнер, но, за среќа на играчите на Мамелоди, немаше поголема опасност. На крајот тимот од Јужна Африка победи со 1:0 благодарение на голот постигнат во првото полувреме.