ФИФА ја разгледува можноста промената на правилото за офсајд да почне пред Светското првенство во 2026 година, па од Мундијалот натаму ќе се поништуваат помалку голови.
Планираната промена е позната како „Венгерово правило“. Тоа е идеја развиена од легендарниот тренер Арсен Венгер, кој сега е директор на ФИФА за глобален развој на фудбалот. Новото правило би можело експериментално да се спроведе на СП во 2026 година во Северна Америка.
Според концептот на Венгер, офсајд ќе се смета само ако има јасно растојание помеѓу напаѓачот и дефанзивецот и само ако целото тело на напаѓачот е поблиску до гол-линијата отколку на одбранбениот играч.
Ситуација каде што барем еден дел од телото, кој би можел да се искористи за постигнување гол, е во иста линија со последниот одбранбен играч, или само со мал дел од телото понапред, нема да се смета за офсајд.
Конечната одлука треба да се донесе на крајот на февруари или на почетокот на март, но во 95% од случаите се прифаќаат предлозите што ќе стигнат од комисијата во која членува и Венгер.