Том Тибодо не е веќе тренер на Њујорк никс. Одлуката доаѓа по историскиот успех на клубот кој првпат по 25 години стигна до финале на Источната конференција, каде што беше елиминиран од Индијана пејсерс со 4-2.
Тибодо го презеде кормилото на Никс во 2020 година, во период кога франшизата беше во длабока криза и немаше изборено плејоф дури седум сезони по ред. Веќе во својата прва сезона (2020/21) ги врати во доигрувањето со ефект од 41-31, за што беше награден со признанието „Тренер на годината“.
Во пет сезони на чело на Њујорк никс забележа вкупно 250 победи и 197 порази во регуларниот дел и плејофот.
Под водство на Тибодо, Њујорк никс неколкупати ги надмина очекувањата, вклучително и драматичните пресврти против Бостон во годинешниот плејоф. Сепак, и покрај засилувањата како Микал Бриџис и Карл-Ентони Таунс, тимот не успеа да ја искористи можеби најдобрата шанса за титула во последните 25 години.
Критиките особено се засилија откако Тибодо не ја менуваше почетната петорка и покрај очигледните проблеми во серијата против Индијана. Никс загубија на двата стартни меча дома, а главните играчи беа надиграни.
Пред ангажманот во Њујорк, Тибодо беше тренер на Минесота тимбервулвс (2016–2019), каде што ја прекина 13-годишната пауза од плејофот и постави неколку клупски рекорди. Но, најголемата репутација ја стекна како тренер на Чикаго булс (2010–2015), со кои имаше 255 победи и ја освои титулата „Тренер на годината“ во 2011, кога и стигна до финалето на Истокот.
Како асистент, Тибодо освои НБА-прстен со Бостон селтикс во 2008 година и беше дел од стручниот штаб на САД, кои зедоа злато на Олимписките игри во Рио 2016.
Со неговото заминување, Њујорк никс влегуваат во нова ера и ќе бараат стратег кој ќе го продолжи подемот и ќе донесе титула која ја чекаат од 1973 година.