Победата на Њукасл од 4-1 на гостувањето кај Евертон најави пласман на Чавките во Лигата на шампионите, а преселба во понизок ранг на Карамелите.
Њукасл во минатото коло даде шест гола против Тотенхем, вечерва пукна петарда во мрежата на Евертон, но едниот гол во финишот беше поништен, па мораа да се задоволат „само“ со покер. Од 1999 наваму се немаше случено Њукасл на два меча по ред во Премиер лигата да даде вкупно десет погодоци.
Важна победа во битката за опстанок извојува Борнмут, кој со 1-0 славеше кај Саутхемптон и сега е на седум бода над опасната зона. Интересно е дека Борнмут првпат сезонава даде гол и првпат победи на меч кој се играл среде недела (вторник, среда или четврток).