Челниците на Премиер лигата подготвуваат промена на едно од правилата пред почетокот на зимскиот преоден рок (1-31 јануари) кое директно е наменето против Њукасл.
Имено, англиските медиуми пишуваат дека во јануари Њукасл планира на позајмица да го донесе Рубен Невеш, кој изминатото лето во трансфер вреден 47 милиони фунти од Вулверхамптон се пресели во саудискиот Ал-Хилал.
Саудискиот државен инвестициски фонд (ПИФ) е сопственик и на Њукасл и на најголемите саудиски екипи и поради тоа премиерлигашите се кренаа на нозе.
На следниот состанок на Премиер лигата, кој е закажан за 21 ноември, треба да се гласа за промена на едно правило со кое би им се забранило на премиерлигашите да можат да носат на позајмица фудбалери од партнерски екипи, односно од клубови коишто имаат ист сопственик.
За да се воведе ова правило, потребно е за него да гласаат 14 од 20-те екипи коишто играат во Премиер лигата.