Осум интересни мечеви се одираа утрово во НБА лигата, а највоинствено беше во Феникс каде домашниот тим загуби со 89:98 од Далас. Овој меч го одбележа тепачката која се случи на почетокот од треатата четвртина.
Јусуф Нуркиќ направи фаул во напад, а потоа влезе во расправа со Наџи Маршал. Босанскиот репрезентативец прв замавна и го удри Маршал, а потоа и овој не остана покусо и веднаш му врати. За среќа брзо реагираа останатите кошаркари, па тепачката не се претвори во хаос на теренот.
Од спортски аспект, многу интересно беше во Денвер каде домашниот тим сепак немаше сили да се спротистави на најдобрата екипа во моментов Кливленд. Гостите славеа со 149:135.
Никола Јокиќ одигра одличен меч и по 12 пат сезоната, а вкупно 142 пат во кариерата заврши со трипл-дабл. Србинот имаше 27 поени, 14 скока и 13 асистенции за 35 минути поминати на теренот. Кај Денвер одличен беше и Џамал Мари кој истотака постигна 27 поени, а имаше и 11 асистенции.
Сепак, овие двајца беа премалку за Денвер да се спротистави на расположените гости во чии редови дури четворица играчи постигнаа преку 20 поени. Предводник беше Донован Мичел со 33 поени, Еван Мобли додаде 26, Дарус Гарланс имаше 25, а Џарет Ален заврши со 22 поени и 10 скока.
За Кливленд ова е 27 победа во 31 меч и е убедлив лидер на источната конференција, додека Денвер е со биланс од 16 победи и 13 пораз, што е доволно за седмото место на Западот.
Резултати на останатите мечеви кои се одиграа во НБА утрово: Орландо – Њујорк 85-108, Бостон – Индијана 142:105, Бруклин – Сан Антонио 87:96, Хјустон – Минесота 112:113, Њу Орлеанс – Мемфис 124:132, ЛА клиперс – Голден Стејт 102:92.