Оклахома се радуваше на победа во дуелот против Портланд, и тоа дури по пет минути дополнителна игр, откако по регуларниот дел беше нерешено (113:113). По продолжението, Оклахома славеше со 129:121, но факт е дека гостите имаа олеснета работа бидејќи во продолженијата кај Портланд го немаше центарот Јусуф Нуркиќ.
Босанскиот интернационалец водеше жестока борба под обрачите, па не изостанаа ниту провокациите. Најпрво, пред крајот на втората четвртина, Нуркиќ го блокираше Вестбрук, а потоа центарот на Портланд му стави сопка на најдобриот играч на Оклахома, па Вестбрук падна, но брзо стана и само по неколку моменти, со тело го турна Нуркиќ на подот.
За овој инцидент, двајцата играчи добија техничка грешка.
Пред крајот на мечот, односно на 4 секунди до крајот, Нуркиќ ја доби и втората тешничка грешка. Портланд имаше напад за израмнување, топката дојде до Нуркиќ, врз кого беше направен фаул. Тогаш Пол Џорџ му дофрли нешто на противничкиот центар, а Нуркиќ веднаш му се внесе в лице на Џорџ и го допре со главата. За овој инцидент, двајцата беа казнети со техничка грешка, што за Нуркиќ значеше и исклучување.
Без првиот центар во тимот, Портланд беше немоќен во дополнителните пет минути да парира на Оклахома. Вестбрук и Џорџ изнудија по една техничка на Нуркиќ, а тие двајца беа и најефикасни кај победничкиот тим. Вестбрук заврши со 37 поени, а Џорџ постигна 32 поени.