Јан Облак има свој избор за најдобар фудбалер на сите времиња и вели дека Лионел Меси е ненадминлив. Вчера волшебникот на Барселона го урна рекордот на Пеле со 644-тиот гол постигнат за ист клуб, што е најмногу во историјата на фудбалот.
„За мене Меси е најдобар играч на сите времиња. Зошто е толку добар? Па очите му се на топката, во секој момент гледа сè што се случува на теренот. Не го покажува тоа, не можете да го забележите, но на неверојатен начин има контрола на ситуацијата на теренот. Кога ќе помислиш дека не игра добро и не му е денот, оддеднаш ќе блесне со фантастичен потег, гол, додавање.
Ми даде ужасно многу голови во кариерата. Честопати кога ќе ме совладаше, не знаев што точно направил, како успеваше да постигне гол. Ниедна тактика против него не помага. Ако си блиску, ќе те издрибла, ако си предалеку ќе шутира и ќе даде гол. Невозможно е да најдете рецепт како да се браните од Меси“, вели репрезентативецот на Словенија и член на Атлетико Мадрид.