Обрадовиќ и Спанулис не зборуваат и не се ракуваат 15 години, а вечер ќе мора да се поздрават

Гостувањето кај Монако е вечерашниот евролигашки предизвик на белградскиот Партизан, кој ја крева формата, а средбата ќе биде специфична и по нешто друго, првпат еден против друг како тренери ќе се исправат Жељко Обрадовиќ и Василис Спанулис.

Обрадовиќ четири сезони му беше тренер на Спанулис во Панатинакос, а во 2010 популарниот Били одлучи да направи предавство кое Србинот никогаш нема да му го прости и се пресели во лутиот ривал Олимпијакос.

Веќе 15-та година тие не зборуваат, ниту се поздравуваат. А, вечерва ќе треба да го направат тоа и останува да се види дали помеѓу нив ќе има куртоазен поздрав пред и по мечот или повторно ќе бараат начин како да се избегнат. Погледите секако ќе бидат вперени кон нив.

Жељко и Василис јавно убаво зборуваат еден за друг, но нивниот однос не е поправен. Во една прилика Обрадовиќ раскажа зошто му се налутил на Спанулис и лутината не е дека заминал во Олимпијакос, туку бидејќи излажал дека сака да оди во НБА-лигата, а всушност тоа било само за да добие отпусница и да замине во Олимпијакос.

„Малкумина го знаат ова, но неговиот менаџер ми се јави за трансфер во НБА. Ме замоли да му направам услуга бидејќи рокот за заминување помина. Се согласив, се разделивме и тоа беше тоа. Нашиот личен однос се распадна. Тој многу добро знае зошто, но му посакувам најдобро во животот“, изјави Обрадовиќ.

- Оглас -

Најнови вести