Евролигашот Партизан утре од 16 часот гостува во Скопје на дуел со МЗТ во АБА лигата, а претпладнево пред да тргнат на пат кон главниот град на Македонија, тренерот Жељко Обрадовиќ даде изјава во пресрет на мечот во „Јане Сандански“.
Човекот кој има девет европски титули, е претпазлив, бидејќи пред 26 години кога го водеше Реал Мадрид, сензационално претрпе пораз во Аеродром од МЗТ Скопје. Евентуална победа на Металците утре против Партизан, би била речиси исто толкаво чудо како она историското во ноември 1996 година.
„Ја продолжуваме серијата патувања, се разбира, со голем респект кон екипата на МЗТ. Знаеме дека мечот ќе биде тежок. Сигурно дека тие ќе имаат голема желба во првиот меч пред своите навивачи да одиграат добро. Ќе треба да излеземе на терен со максимална концентрација и да играме на нивото потребно за да се добие мечот“ – рече Обрадовиќ.