Најтрофејниот европски кошаркарски тренер, Жељко Обрадовиќ, го напушта кормилото во Партизан, а популарниот Жоц објави и проштално писмо до навивачите.
„Драги навивачи на Партизан,
Пред четири и пол години се вратив во мојот сакан клуб и тргнав заедно со вас да го живеам најубавиот сон. Имав желба и цел по 10 години нашиот Партизан повторно да стане дел од Евролигата, сите заедно успеавме во тоа. Натпреварите на нашиот сакан клуб станаа нешто повеќе од кошарка, благодарение на вас кои сте најзаслужни за тоа. За жал, дојде моментот кога морав да ја преземам одговорноста за сите лоши работи што се случија оваа сезона и да поднесам неотповиклива оставка.
Сакам да им се заблагодарам на сите луѓе кои му помагаа на нашиот клуб сите овие години, на претседателот на клубот и на сите членови на Управниот одбор, на сите луѓе од работната заедница на клубот, како и на сите спонзори.
Многу сум благодарен на сите играчи кои беа со нас во овие четири и пол години, членови на мојот стручен штаб (многу пати сум посочил, најдобриот што сум го имал) и секако голема благодарност до сите навивачи на Партизан!
Ви благодарам за безрезервната поддршка, почит и љубов што ми ја дававте сите овие години во секоја прилика!
Секогаш еден од вас, вечно благодарен!
Жељко Обрадовиќ“.
Во српските медиуми се шпекулира дека фаворит за преземање на тренерското место во Партизан е Италијанецот Андреа Тринкиери. Тој веќе го има водено Партизан од 2018 до 2020. Во минатата сезона Тринкиери го водеше Жалгирис, со кој се раздели летоска.
Од српските тренери, најблиску до клупата е легендата на Партизан, Александар Ѓорѓевиќ кој подолго време е без работа.

