Шалке 04 очајно бара чаре за спас од испаѓање од Бундеслигата, па во серијата потези со смена на тренерот и дел од раководните луѓе стигна и рехабилитацијата за Набил Бенталеб.
Алжирецот беше суспендиран уште во ноември поради недисциплина, неколкупати беше казнуван откако е фудбалер на Шалке, но сега е помилуван и дури е најавено дека ќе игра во сабота, против Унион Берлин на гостински терен.
Бенталеб беше казнет во 2019 година и префрлен во вториот тим на Шалке 04, потоа му беше позајмен и на Њукасл, но не успева да го скроти темпераментот, па почесто не игра отколку што настапува за тимот од Гелзенкирхен, кој му плати 22 милиони евра на Тотенхем при трансферот во 2017 година.
Набил е репрезентативец на Алжир и има 35 настапи за популарните Пустински лисици.
По 20 одиграни кола од вкупно 34 во Бундеслигата, Шалке 04 е последен на табелата само со 8 бода, или дури девет помалку од екипите што се веднаш над зоната за испаѓање во Втора лига.