МЗТ Скопје Аеродром уште еднаш покажа дека кога игра на гостински терен, е многу послаб отколку кога игра пред своите гледачи во „Јане Сандански“. Првпат сезонава македонскиот претставник во АБА 2 прими троцифрен број поени, а со толку слаба одбрана, поразот беше неизбежен. Екипата на Рогашка славеше со 102:90 во деветтото коло од регионалното натпреварување.
Уште од самиот почеток домаќините тргнаа офанзивно, па по првите 10 минути имаа предност од 32:25. Слабата игра на МЗТ Скопје Аеродром во одбраната продолжи и во вториот квартал, па словенечкиот тим успеа на полувреме да има 64 поени и да води со 16 поени предност.
Високата предност домашните играчи успешно ја чуваа во второто полувреме, а на крајот ја надминаа и бројката од 100 поени. За Рогашка ова беше четврта победа во четвртиот меч на свој терен, а МЗТ трет пат загуби на четврото гостување.
Иве Иванов со 30 поени беше најефикасен кај МЗТ, а во офанзивните задачи солидни беа и Медфорд со 19 поени, Вудард и Бојиќ со по 12 и Симоновски со 11 поени. За Аеродромци ова е трет пораз, но и покрај неуспехот, останаа на второто место во оваа конкуренција на АБА 2 лигата.