Очекуван пресврт – Сè е подготвено за нов петгодишен договор на Погба со Манчестер јунајтед

Сè е подготвено за нов петгодишен договор за Пол Погба во Манчестер јунајтед, а според британските медиуми, соработката ќе биде продолжена на крајот од оваа сезона.

Само пред една година ова изгледаше како невозможна мисија бидејќи Погба сакаше да си замине од Манчестер уште минатото лето.

Францускиот ас не беше задоволен во клубот и беше на прагот да се пресели во Јувентус или во Реал Мадрид, но не дојде до договор меѓу гигантите, па Погба остана принудно кај Црвените ѓаволи.

Потоа се повреди и долг период паузираше, а камбекот на терен ги расчисти сите дилеми. Погба игра одлично по рестартот на сезоната во Премиер лигата, со Бруно Фернандеш се еден од најдобрите тандеми на средината на теренот во Премиер лигата, а Погба повторно ужива во дресот на Манчестер јунајтед.

За пресвртот заслужен е и Оле Гунар Солскјер, кој имаше многу трпение со незгодниот Погба, а успеа да го убеди дека за него најдобро ќе биде да остане на „Олд Трафорд“.

Актуелниот договор на 27-годишниот ас со Црвените ѓаволи истекува идното лето, постоеше опција за продолжување на уште една година, но сега најреална варијанта што ја најавија британските медиуми е соработката да продолжи до 2025 година.

 

- Оглас -

Најнови вести