Пеп Гвардиола по петти пат во својата кариера ја доби наградата за најдобар тренер во Премиер лигата. Одлуката и официјално ја објавија од Премиер лигата, а доаѓа како награда за четвртиот трофеј во низа за каталонскиот тренер со Манчестер сити. Токму четирите титули по ред во Премиер лигата се рекорд, со оглед на тоа дека на ниту една екипа претходно не ѝ успеало тоа.
Сепак, во историјата на Премиер лигата, еден тренер има повеќе вакви награди од Гвардиола, а се работи за легендарниот сер Алекс Фергусон, кој дури 11 пати го доби признанието за најдобар тренер во сезоната.
„Сакам да ја поделам оваа награда со Микел Артета од Арсенал, кој направи одлична работа и се бореше до последниот натпревар. Едноставно, нè натера да ги тестираме нашите граници. Секако, тука е и Клоп, со кого водевме многу незаборавни битки. Унаи Емери направи одлична работа со Астон вила. Андони Ираола во својата прва сезона во Премиер лигата беше одличен со Борнмут. Ми беше чест да се натпреварувам со сите вас и на крајот да го освојам овој трофеј. Догодина ќе ја бранам титулата“, рече Гвардиола.