За пет години, или почнувајќи од сезоната 2024/25, фудбалската Лига на шампиони ќе добие нов формат и за разлика од сегашниот, во првата фаза групите (четири) ќе бидат со по 8 тима, а не како досега, осум групи по четири тима.
Ова е основната разлика од сегашниот систем, а бројот на учесници останува на 32. Вака, секој тим би имал минимум 14 натпревари во елитното натпреварување. Се шпекулира дека шпанската лига и англиските клубови се против оваа промена. Овој систем е лош и за клубовите од помалите земји, кои многу тешко би се пробиле до групната фаза.
Потоа, најдобрите четири од секоја група би оделе во осминафинале, а со тоа, автоматски би имале обезбедено место во наредната сезона од ЛШ, без оглед на пласманот во домашното првенство.
Се укинува преселбата во Лигата на Европа, па тимовите кои нема да одат во осминафиналето, ќе разигруваат за места во ЛШ и ЛЕ во наредната сезона (четвртите и петтите директно во групна фаза, шестите и седмите бараж за место во групите, а за поразените во тие баражи и осмите останува Лигата на Европа).