Аријан Адеми е клучниот човек при одлуката на Игор Ангеловски со која формација да се игра историскиот меч што Македонија вечерва може со победа против Грузија да ја одведе на ЕП идната година.
Капитенот на Динамо Загреб е неверојатен, не сака да се предаде и покрај незгодната повреда на задниот дел на бутниот мускул и од сè срце сака да игра. Тоа е огромен мотив и за останатите репрезентативци, кои не заостануваат и имаат огромна желба да играат и да победат.
Ако Адеми биде во стартниот состав, а има добри најави дека ќе биде така, тогаш Ангеловски веројатно ќе се одлучи за формација 4-2-3-1.
Во таква концепција, на голот би бил Столе Димитриевски, а дефанзивната четворка би ја составувале Стефан Ристовски како десен бек, Дарко Велковски и Висер Муслиу како тандем стопери и Езџан Алиоски во улога на лев бек.
Двајцата играчи од средниот ред со подефанзивни задачи би биле Адеми и Стефан Спировски, пред нив би играло триото Бобан Николов, Елиф Елмас и Горан Пандев, а во фор би бил Илија Несторовски. Можни се и изненадувања, што ги најави Ангеловски, а и промена на формацијата во 3-5-2 во случај да не може да игра Адеми.
Проблеми има и Владимир Вајс, а на Грузијците ќе им недостасуваат тројца мноу важни играчи, Чакветаѕе, Кваратцкелија и Шенгелија. Словакот на клупата на Грузијците, според домашните медиуми, подготвуваше формација 4-2-3-1, но сега и тоа е неизвесно по отсуството на трилингот репрезентативци, па може да има промена и во коонцепцијата на игра на домаќините.
Натпреварот што има огромно значење за двете репрезентации и одлучува дали Грузија и Македонија идната година ќе дебитираат на Европско првенство ќе се игра денеска од 18 часот во Тбилиси.