Од Алкалоид со порака: Со фер и коректно навивање да им дадеме поддршка на нашите ракометари

Билетите за финалниот меч помеѓу Алкалоид и АЕК Атина во ракометниот Европски куп веќе се распродадени. Околу 7.000 гледачи ќе присуствуваат во салата „Борис Трајковски“, а од Алкалоид упатуваат порака за фер и коректно навивање.

„Драга публика, почитувана публика, наш осми играч на теренот. Во пресрет на финалниот натпревар од Европскиот куп, помеѓу Алкалоид и АЕК, упатуваме искрен апел до нашите поддржувачи да ја покажеме љубовта кон македонскиот ракомет, но и кон ракометниот клуб Алкалоид со фер и спортско навивање. Да навиваме со срце, да бодриме со почит и да покажеме дека вистинските навивачи се дел од ферплејот на теренот. Во благодариме за сета досегашна поддршка и убавите коментари за првиот одигран натпревар против АЕК. Во недела пред нас имаме уште 60 минути тежок и голем предизвик. Публиката како никогаш досега имаме потреба да нѐ бодри, да навива за нас, покажувајќи респект и почит кон гостинската екипа во духот на фер-плејот. Со нас на трибините во недела ќе биде и нашиот најмлад навивач, кој има само две години, а единствената официјална навивачка група ‘Кафетинки’ се вистински пример за тоа како е да се навива гласно, но од срце и со стил. Да бидеме пример за спортска култура кон нашиот тим, но и кон гостинот“, гласи пораката од РК Алкалоид, која ја пренесе претседателот на клубот, Горан Минов.

На мечот во недела, на трибините во „Борис Трајковски“ ќе присуствуваат и околу 200 навивачи на атинскиот АЕК, што ќе биде дополнителен мотив и за нашите ракометари, но и за гледачите кои ќе го следат натпреварот.

- Оглас -

Најнови вести