Не беше спортист, но беше човекот кој ја креираше најубавата приказна во Премиер лигата. Сопственикот на Лестер, Вишај Шриваданапраба загина во саботата вечерта во хеликоптерска несреќа, и тоа непосредно до стадионот „Кинг пауер“, местото каде што пред две години беше испишана најубавата приказна на овој клуб. Лестер стана англиски првак, иако пред почетокот на сезоната шансите за тоа беа 1/5.000.
Судбината сакаше Шриваданапраба да загине таму каде што донесе најголема радост на сите навивачи на Лестер. Приватниот хеликоптер на тајландскиот милијардер полета од центарот на теренот од стадионот, но само неколку минути подоцна се урна на паркингот до стадионот. Загинаа тој и останатите четворица кои беа во хеликоптерот. Со оваа трагедија, само се зголемува бројот на спортски несреќи кои се случиле низ годините.
На 28-ми ноември 2016 година играчите на бразилскиот тим Шапекоенсе заедно со претставниците на клубот и новинари се сруши во Колумбија, и тоа на неколку километри од местото каде што требаше да слета. На летот имаше 77 патници, а загинаа 71. Само тројца играчи преживеаа.
На 9-ти март 2015 година пливачот Камилет Муфат и боксерот Алексис Вастин загинаа во судар на два хеликоптери за време на снимање на едно реално ТВ-шоу.
На 7-ми септември 2011 година авионот кој ги пренесуваше хокеарите на Локомотива се сруши при полетувањето во Јарославј, 300 километри североисточно од Москва. Загинаа 44 луѓе, вклучувајќи неколку хокеарски ѕвезди и руски репрезентативци.
На 15-ти септември 2007 година загина прославениот британски рели-возач Колин Мекри. Во 1995 година тој стана најмлад светски првак во историјата на релито. Мекри загина во хеликоптерска несреќа на 39-годишна возраст.
На 27-ми април 1993 година се сруши воен авион во море во близина на африканскиот брег. Немаше преживеани, а меѓу 30-те жртви имаше седуммина репрезентативци на Замбија.
На 8-ми декември 1987 година загинаа дури 43-ца фудбалери на најстариот перуански клуб, Алијанц Лима. Авионот со кои патуваа се сруши во море, во близина на Лима.
На 11-ти август 1979 година авионот во кои патуваа фудбалерите на Ташкент се сруши помеѓу Минск и Ташкент. Немаше преживеани.
Шести oктомври 1976 година е денот кога 24 членови на еден кубански клуб за мечување загинаа во експлозија во близина на Барбадос. Тие беа дел од 70-те жртви на терористи, кои беа противници на Фидел Кастро.
На 13-ти октомври 1972 година авион со рагбисти од Уругвај падна на Андите. Преживеаните поминаа 70 дена во снег и за да успеат да издржат, мораа да ги јадат телата на своите починати соиграчи.
На 15-ти февруари 1961 година вкупно 18 американски репрезентативци во лизгање на мраз загинаа во несреќа на летот од Њујорк до Брисел. Трагедијата се случи на шест километри од белгиската престолнина.
На 16-ти јули 1960 година осум членови на данската фудбалска репрезентација настрадаа во судир при полетување на авионот.
На 6-ти февруари 1958 година осум фудбалери на прославената генерација на Манчестер јунајтед загинаа во авионската трагедија во Минхен. Авионот не полета од пистата, а вкупно 21 патник настрадаа. Тоа беше неславен крај на прославената генерација на „бебињата“ на легендарниот тренер Мат Безби.
На 28-ми октомври 1949 година, францускиот боксер Марсел Сердан загина во авионска несреќа летајќи кон САД, каде што требаше да ја брани титулата.
На 4-ти мај 1949 година авионот со фудбалерите на Торино, кои тогаш беа италијански прваци, се сруши на брдото Суперга во северна Италија и се запали. Загинаа сите патници во авионот.