Роберто Манчини денеска има роденден и полни 57 години, но после вчерашната ждрепка за баражите за Светско првенство, веројатно не му е многу до славење. Селекторот на италијанската репрезентација рече дека можеле и подобро да поминат во ждрепката, а секако стравот не им е од Македонија со која ќе играат дома во полуфиналето, туку од можното гостување кај Португалија во финалето на баражите во март.
Италија може да биде само четвртиот тим кој како актуелен европски првак не успеал да се пласира на Светско првенство.
Чехословачка која во 1976 година стана континентален шампион, не играше на Мундијалот во 1978 година, Данска од 1992 не се појави на СП во 1994, и Грција во 2004 освои европска титула, но две години подоцна ја немаше на Светско.
Жоржињо да го дадеше пеналот против Швајцарија во Рим, сега ќе беше нешто друго, вака, Италија може да пропушти две светски првенства по ред, што би било катастрофа за земја која е четирикратен шампион на светот.