Една македонска поговорка вели дека секое чудо е за три дена. Кога се работи за поразот на Македонија на гостувањето во Англија и историската брука по поразот од 7:0, очигледно дека чудото трае и помалку.
Поминаа два дена од срамот што ѝ беше нанесен на спортска Македонија на „Олд Трафорд“, а официјална реакција од главните фактори нема. За овие 48 часа единствено селекторот Благоја Милевски даде изјава, и тоа онаа која е задолжителна според протоколите на УЕФА, на прес-конференцијата по мечот.
Милевски на таа прес-конференција „храбро“, ја превзеде одговорноста за поразот и ѝ се извини на целата нација за дебаклот. Во тоа извинување на Милевски не влегуваше и негова понудена оставка, туку само објаснување дека нема карактер да се откаже веднаш. Малку збунувачки делува тоа за откажување веднаш затоа што Македонија под негово водство во Лигата на нациите, во Сегментот Ц заврши како трета зад Грузија и Бугарија, селекции од кои добивме фудбалски лекции (три порази и едно реми). Имавме само две победи, и тоа над аматерите од Гибралтар, па тоа веројатно требаше да биде аларм дека ВЕДНАШ мора нешто да се менува и да се реагира. Реакција тогаш немаше, па „акцијата“ ни ја покажаа Украина и Англија.
Вчера пишувавме дека сме брука и на социјалните мрежи затоа што официјалната фејсбук-страница на Фудбалската репрезентација на Македонија, која има над 130.000 следбеници, повеќе од еден и пол месец е хакирана и може да се видат само некои небитни видеа. Токму неколку часа по дебаклот во Манчестер, на страницата на ФФМ се појави ново небитно видео, додека официјална изјава, реакција, коментар или став од првите луѓе на фудбалот нема.
На последното видео кое вчера излезе на ФБ, навивачите и фановите на македонската репрезентација покажаа креативност со смешни коментари, кои се единственото ведро нешто во оваа ситуација каде што сите од Куќата на фудбалот молчат, најверојатно со тактиката дека СЕКОЕ ЧУДО Е ЗА ТРИ ДЕНА.



