Од голема ѕвезда која ги освојуваше највредните трофеи, до авантурист кој остана без клуб

Некогашниот искусен 37-годишен португалски репрезентативец Нани остана без клуб. На Нани му заврши договорот со турскиот клуб Адана и сега е слободен играч. Од Адана едноставно не сакаа да го продолжат договорот со играчот кој во кариерата освои многу вредни трофеи, а сезонава за турскиот тим одигра 34 меча и имаше учинок од четири гола и три асистенции.

Во богатата кариера Нани може да се пофали дури со 12 трофеи освоени како играч на Манчестер јунајтед, а со селекцијата на Португалија беше европски првак во 2016 година. Токму по заминувањето од Манчестер, почна турбулентниот период за Нани, кој не успеа да се задржи никаде повеќе од една сезона.

Играше за Спортинг, Фенербахче, Валенсија, Лацио, Орландо сити, Венеција, Мелбурн сити и сега во Адана. Едноставно, Нани помина неколку континенти, а сега повторно е без клуб.

Шпекуациите се дека можно е да се врати во родната Португалија или да се обиде да игра во некој од арапските екипи. Нани во дресот на португалската репрезентација одигра 112 меча во периодот од 2006 до 2017 година.

 

 

- Оглас -

Најнови вести