Дури 14-мина актуелни репрезентативци на Мароко од тие што се на СП во Катар не се родени во таа земја, но никој од нив не ни помислувал да игра за друг национален тим освен мароканскиот.
Голманот Боно е роден во Канада, во Шпанија се Мунир Мохамед и Хакими, во Франција се родени Харит, Саис и Буфал, додека Холандија е земја на раѓање на Мазрауи, Булал, Зијех и Амрабат. „Белгијци“ се Шаир, Ел Ханус, Амалах, додека Шедира е роден во Италија.
Заедничко за повеќето од нив е што родители им имале тежок живот, па среќата си ја побарале во странство и така многу Мароканци се родени далеку од татковината.
Вечер Мароко игра со Франција, а во таа земја е роден и селекторот Валид Реграги.
Тимот на Реграги е вистинска „легија на странци“, а и фудбалот што го играат е „војнички“, со многу борба, остри стартови и со малку примени голови, всушност ниту еден ривал не им даде гол, Боно на СП во Катар беше совладан само при еден автогол.