Од легенда за легенда – Зоран Михајлов подготвува книга за кариерата на македонската кобра Дарко Панчев

Еден од нашите легендарни новинари и коментатори Зоран Михајлов подготвува нов интересен проект по книгата што неодамна ја објави со работен наслов „Спортски стории – Записи, настани и сеќавања“, во која ги раскажа своите искуства од пребогатата кариера.

Сега на ред е книга за најдобриот македонски фудбалер на 20 век, Дарко Панчев, што веќе е во подготовка. Михајлов иако е пензионер, сè уште е активен, а разговорот со него е секогаш интересен.

Човекот што може да се пофали дека ги коментирал сите 28 олимписки спортови и со нетрпение се подготвува за пат кон Токио, на 16. Олимпијада на која ќе присуствува, сега е насочен кон најважната споредна работа на светот, фудбалот.

Во фокусот на приказната што ќе ја раскаже ќе му биде Дарко Панчев. Македонската кобра е единствен наш играч што бил најдобар стрелец во Европа и ја има Златната копачка од 1991 година. Прогласен е за најдобар македонски фудбалер на 20 век и има титула европски и светски првак со Црвена ѕвезда од Бари и Токио.

„Се подготвуваме со Дарко заедно, имаме чести средби со цел да се потсетиме на сите интересни моменти од неговата кариера. Дарко е многу посветен, ми носи постојано исечоци од новини и магазини што се однесуваат на него. Ги има многу, бидејќи беше екстра класа напаѓач, во негово време и најдобар во Европа. Ќе ми помогнат и многу мои колеги, а меѓу нив е и Милојко Пантиќ, кој ќе подготви специјален текст. Тој го коментираше финалниот меч во Бари, кога Дарко го погоди последниот и клучен удар од белата точка во пенал-серијата против Олимпик Марсеј, со кој Црвена ѕвезда стана европски певак. Ќе има многу интересни стории и верувам дека ќе имаме убав запис за една многу успешна фудбалска кариера на македонската кобра“, вели Михајлов за Спорт Манија.

Средбата со нашата новинарска и коментаторска легенда ја искористивме за да ни биде и специјален гостин со хуманитарен тикет што го подготви со пет предлог-типови од фудбалски натпревари што ќе се играат овој викенд.

Очекувајте нè утре со Зоран Михајлов и неговиот хуманитарен тикет, а патем ќе можете да прочитате и за легендарната средба со Кирк Даглас, за пријателството со Себастијан Коу, за историскиот момент и ремито со Англија 2:2 во Саутхемптон и голот од корнер на Артим Шаќири и за уште многу интересни детали од пребогатата кариера на живата легенда на македонското новинарство.

- Оглас -

Најнови вести