Од македонските стартни 11 против Ерменија, викендов петмина не одиграа ни секунда за клубовите

Критиките кон македонскиот селектор Благоја Милевски дека во националниот тим играат неспремни фудбалери со мала или никаква минутажа во своите клубови, се покажуваат како прилично оправдани.

Ако се земе викендов како пример, од стартните 11-мина на средбата со Ерменија во Скопје, само Ѓоко Зајков и Исник Алими кои настапуваат во Романија, ги одиграа целите натпревари за своите клубови.

Загрижувачки е што дури петмина од играчите во кои Благоја Милевски има најголема доверба, воопшто не играа, а меѓу нив се и клучни поединци. Столе Димитриевски, Бојан Миовски, Елиф Елмас и Бојан Димоски останаа на клупата за резерви и не влегоа во игра, а Дарко Чурлинов не беше во составот на Јагјелонија, но тој има повреда.

Висар Муслиу играше 9 минути за Падерборн, Стефан Ашковски 38 минути за Шанлиурфаспор, Давид Бабунски беше стартер на Данди јунајтед и играше 77 минути против Ренџерс, а капитенот Енис Барди настапи само во првото полувреме на дербито со Бешикташ.

Голот од пенал на Алими и асистенцијата на Барди беа најсветлите моменти на македонските репрезентативци викендов.

Ниту резервите од мечот со Ерменија не се изнаиграа. Повеќето од нив беа резерви и во своите клубови, некои воопшто не играа, а само Кристијан Трапановски од Данди јунајтед одигра 90 минути како и голманот Игор Алексовски за Работнички.

- Оглас -

Најнови вести