Убедливите порази од Франција и Германија покажаа дека македонската ракометна репрезентација не е дел од европскиот врв, но таквите мечеви се добредојдени да се види каде се прават грешки кои треба да се исправат.
Загубените топки со погрешни додавања во нападот, како и мека одбрана, се некои од симптомите кои беа забележани на дуелите со фаворитите.
На средбата со Германија синоќа можеше да се забележи и прескромниот учинок на некои од нашите најдобри играчи. Така на пример: Филип Кузмановски не даде ниту еден гол (од четири шута), утна и седмерец, а Филип Талески имаше една реализација од четири обиди. Иако одбраната е фокусирана против нив и ривалите знаат дека оттаму доаѓа опасност, некогашните бундеслигашки играчи можат и знаат подобро, се надеваме дека ќе се покажат во вистинско светло веќе против Швајцарија.
На дуелот со Франција во првото коло во Дизелдорф, Талески и Кузмановски не беа толку неефикасни и имаа поголем придонес во нападот. Талески на Французите им даде три гола од седум шута, а Кузмановски имаше 4 погодоци од 10 шута.
Статистички, засега најпрецизен македонски ракометар е пикерот Жарко Пешевски со 11 гола од 12 шута (91,7 отсто успешност). Тој е на делба на 14-тото место на листата на стрелци на првенството.