Од осум меча во Лига купот, на четири пеналите го решаваа победникот

Дури четири од осум натпревари што вечерва се играа во рамки на 1/16-финалето на Лига купот патникот во следната рунда го одлучуваа пеналите.

Бранителот на трофејот, Ливерпул, за 90 минути игра не успеа да му даде гол на Дерби каунти, а во пенал-рулетот, резервниот голман Келехер одбрани дури три пенали. Но, и играчите на Ливерпул не се покажаа како добри пеналџии бидејќи Бајчетиќ и Фирмињо промашија. Сепак, Окслејд-Чембрлен, Нуњез и Елиот беа прецизни и го однесоа Ливерпул во следната рунда.

И Њукасл со 3:2 по пенал-рулетот дојде до пласман во следната рунда. Чавките беа подобри од Кристал палас, и тоа благодарение на прецизните удари од белата точка на Вуд, Трипие и Жоелинтон. Саутхемптон во пенал-рулетот го елиминира Шефилд вензди, додека Блекбурн дури во 10-тата серија успеа да дојде до изненадувачки триумф над Вест хем. Герет го даде голот за Блекбурн за 10:9 во пенал-серијата откако претходно Огбона не беше прецизен.

Лидерот на табелата, Арсенал, го доживеа првиот пораз пред своите гледачи сезонава, и тоа од Брајтон, кој игра одлично. Брајтон на „Емирати“ славеше со 1:3 иако Арсенал поведе со голот на Нкетија во 20-тата минута. Пресвртот го донесоа Велбер со голот од пенал, Митома и Лампти.

Последнопласираниот тим во Премиер лигата, Нотингем форест, ја продлабочи кризата кај Тотенхем откако славеше со 2:0 во 1/16-финалето во Лига купот. Головите беа постигнати во второто полувреме, Лоди во 50-тата минута го отвори резултатот, а Џеси Лингард седум минути подоцна ги шокира навивачите на Тотенхем.

Во дербито на 1/16-финалето, Манчестер сити со 2:0 го победи Челзи. Граѓаните до триумфот дојдоа со два гола за пет минути, Марез во 53-тата го отвори резултатот, а печат на триумфот стави Алварез.

Резултати: Арсенал – Брајтон 1:3, Њукасл – Кристал палас 0:0 (3:2 пенали), Нотингам ф. – Тотенхем 2:0, Саутхемптон – Шефилд в. 1:1 (6:5 пенали), Вест хем – Белкбурн 1:1 (9:10 пенали), Вулверхемптон – Лидс 1:0, Ливерпул – Дерби каунти 0:0 (3:2 пенали), Манчестер сити – Челзи 2:0.

- Оглас -

Најнови вести