Од првата плата му подари автобус на клубот во којшто започна

Дефанзивецот на Манчестер јунајтед Диого Далот покажа дека го нема заборавено клубот во којшто ги има направено првите фудбалски чекори. Далот првпат заиграл за фудбалската школа Финтас, а потоа како деветгодишно дете заминал во Порто. При овој трансфер, Порто не платил ниту едно евро за доаѓањето на Далот.

Во Порто прераснал во еден од најголемите таленти, а тоа го препознале во Манчестер јунајтед. Иако имаше одиграно само четири меча во сениорскиот состав на Порто, Манчестер пред почетокот на сезоната реши да го купи, и тоа за сума од 19 милиони фунти. Иако е скапо платен, Далот засега и нема некоја поголема минутажа, па во гигантот од „Олд Трафорд“ одигра само четири меча како стартер.

Далот го носи дресот на еден од најголемите клубови во светот, но покажа дека не заборавил од каде почнал. Со првата плата која ја добил во Манчестер јунајтед, Далот купил автобус и решил да ѝ го подари на фудбалската школа Финтас.

„Се слушнавме со Диого по Скајп. Тој само ни рече да излеземе надвор и да видиме што има. Беше шок за сите кога видовме автобус. Диого сам го испланирал целото изненадување. Сочувал дел од првата плата во Манчестер јунајтед за да купи автобус за нашите потреби. Ние сме институција која се соочува со големи финансиски проблеми и затоа овој подарок е огромно нешто за нас“, изјави Луис Травасос, кој е координатор во клубот од каде што започнал португалскиот фудбалер.

 

- Оглас -

Најнови вести