Кошаркарите на Кливленд кавалирс само еднаш водеа против Торонто репторс и тоа во последните пет секунди и успеаа да победат во едно од чудата што знаат да се случат во НБА лигата.
Торонто водеше постојано од почетокот на мечот, се до 4.8 секунди до крај, кога фаулиран беше Дарис Гарланд. Бекот на Кавлирс ги погоди двете слободни фрлања за прво водство на гостите од 102:101 што потоа беше и конечен резултат.
Уште едно чудо се случи ноќеска во најсилната кошаркарска лига на светот, а го приредија кошаркарите на Њујорк никс. Како гости губеа од актуелниот првак Милвокибакс со 21 поен негатива на почетокот на втората четвртина и потоа приредија вистинско шоу со голем пресврт и победа од 15 поени разлика, 113:98.
Џулиус Рендл со 32 поени и 12 скока го засени ланскиот МВП од финалето, Јанис Адетокумбо, кој постигна 25 поени за Милвоки.
Кај Њујорк покрај Рендл блескаше и Дерик Роуз со 23 поени, од кои 10 во последниот период кога Никс го нокаутираа актуелниот шампион.
Derrick Rose drops 10 of his 23 points in the 4th quarter to power the @nyknicks 21-point comeback win!#PhantomCam pic.twitter.com/miRSrJyT7d
— NBA (@NBA) November 6, 2021
Резултати: Детроит – Бруклин 90:96, Орландо – Сан Антонио 89:102, Вашингтон – Мемфис 115:87, Милвоки – Њујорк 98:113, Торонто – Кливленд 101:102, Минесота – Л.А. Клиперс 84:104, Голден стејт – Њу Орлеанс 126:85, Портланд – Индијана 110:106, Сакраменто – Шарлот 140:110.