Македонија веќе постави рекорд, од Романците зависи дали ќе го славиме со настап во баражите за прв Мундијал

Македонија го игра најдобриот квалификациски циклус за настап на Мундијал од постоењето на фудбалската репрезентација, а и со рекордни 15 бода на едно коло до крајот во Ј групата за пат во Катар, настапот е неизвесен.

Сега сè зависи од мечот во Букурешт меѓу Романија и Исланд што ќе почне за помалку од половина час.

Ако Романците не победат, тогаш Македонија со победа против Исланд за три дена во Скопје ќе слави двојно – и настап во дополнителните баражи и освоени рекордни 18 бода во квалификациски циклус.

Сега по блескавата победа вечерва против Ерменија со 5:0, поставивме нов рекорд со 15 бода и таков ефект не сме имале во досегашните шест квалификациски циклуси за настап на Светско првенство.

Освоените 15 бода, кои на крајот можат да бидат и 18 со триумф против Исланд во Скопје се апсолутен рекорд и ако се земат превид и квалификациите за настап на Европско првенство. Најмногу бодови за настап на ЕП освоивме во циклусот за шампионатот во 2008 година, 14 бода.

Почнавме во квалификациите за Светското првенство во 1998 година и тогаш освоивме 13 бода во осмата квалификациска група, а завршивме како четвртопласирани зад Романија, Република Ирска и Литванија.

Во следниот циклус за настап на Мундијалот во 2002 година, повторно бевме на четвртото место, но само со 7 бода, зад Шведска, Турција и Словачка.

Следниот Мундијал во 2006 година повторно се играше без нас, а освоивме скромни 9 бода доволни само за петтото место во првата квалификациска група зад Холандија, Чешка, Романија и Финска.

Потоа во следниот цикилус бевме во деветтата група со пет репрезентации и завршивме како претпоследни со 7 бода, само пред Исланѓаните и зад Холандија, Норвешка и Шкотска.

Далеку за нас беа и Бразил и Светското првенство во 2014 година, а во квалификациите бевме последни само со 7 бода, зад Белгија, Хрватска, Србија, Шкотска и Велс.

Скромни квалификации одигравме и за последниот Мундијал во Русија во 2018 година и бевме претпоследни во Г групата со 11 бода. Пред нас беа Шпанија, Италија, Албанија и Израел.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести