Од следната сезона ќе има изобилство македонски спорт на телевизија

Македонскиот спорт, односно ракометот, кошарката и одбојката, од следната сезона ќе бидат застапени со по минимум 50 натпревари годишно на програмата на Македонската телевизија.

Ова на денешниот состанок во Министерството за спорт го потпишаа министерот Борко Ристовски, уредникот на МТВ, со претставниците на РФМ, КФМ и ОФМ.

„Се работи за еден голем проект кој, народски кажано, чини многу пари, меѓутоа ние како министерство и како држава сме подготвени да го поддржиме заедно и во соработка со МРТ и со националните спортски федерации, а сѐ во интерес и за промоција на македонскиот спорт. Ова е прв чекор од она што треба да го направиме, прво за популаризација на македонскиот спорт, на македонските играчи, а во ист момент да помогнеме и со привлекување на што повеќе спонзори затоа што не е исто кога она што го спонзорирате оди и на телевизија секоја недела или 2-3 пати во неделата. Од друга страна, мислам дека треба да почнеме и македонските национални првенства да ги подигаме на што е можно повисоко ниво, младите македонски спортисти да ги третираме на ниво на коешто треба да бидат третирани и да почнеме да создаваме нови спортски ѕвезди. Нашиот интерес како Министерство за спорт е да има што повеќе спорт на телевизиските програми, да го промовираме македонскиот спорт, да ги промовираме младите македонски спортисти и на тој начин да привлечеме што е можно повеќе деца да почнат да се занимаваат со спорт и на крајот на денот, од сето ова да имаме не само спортски туку и општествен бенефит“, рече министерот на за спорт, Борко Ристовски.

Задоволство од постигнатиот договор изразија и претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, потпретседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Младен Ѓуроски, и претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Перо Јовановски, кои беа присутни на презентацијата на новиот проект.

- Оглас -

Најнови вести