Диого Далот само за пет дена го мина патот од стандарден десен бек на Португалија на дуелот со Турција, до вишок на списокот на селекторот Фернандо Сантош за денешниот бараж-меч со Македонија.
Дефанзивецот на Манчестер јунајтед и дефинитивно нема да игра против нас на „Драгао“ во Порто од 20.45 часот, заедно со Тијаго Џало и Гонсало Инацио.
Тие тројца фудбалери не се на списокот на селекцијата на Португалија, што за Далот е мало изненадување, иако на неговата позиција во составот на домаќините се врати стандардниот Жоао Кансело.
Финалниот бараж меѓу Португалија и Македонија ќе се игра од 20.45 часот вечерва, пред 50 илјади гледачи на „Драгао“, а победникот ќе учествува на Миндијалот во Катар, во ноември и декември годинава.