Арсенал вчера го пречека Ливерпул на „Емирати“ во дербито на 36-тото коло во Премиер лигата, па со пресврт уште во првото полувреме успеа да го надигра новиот првак при конечни 2-1.
Пред мечот, како што им доликува, Топчиите се наредија во шпалир да му честитаат на тимот на Јирген Клоп за остварениот успех, но аплаузот за Црвените се делеше со мала доза горчина. Арсенал на ваков начин мораше да му честита на поранешниот играч Алекс Окслејд-Чембрлен, па си доживеа дежа ви како со Робин ван Перси пред седум години.
Арсенал и во 2013 година правеше шпалир за поранешен играч, кога Холанѓанецот со Манчестер јунајтед како крунисан првак пристигна на „Емирати“. Во тој меч дополнителна горчина придонесе и погодокот на Ван Перси од пенал за поставување на конечните 1-1.