Вардар и дефинитивно не доби лиценца да игра во квалификациите за Европа Лигата, што отвара уште едно место за друг наш прволигаш да игра на евросцената, а прв фаворит е Македонија Ѓорче Петров.
Популарните „лавови“ уште тажат по поразот на пенали во финалето на купот, вчера од Академија Пандев, но денеска веќе можат да ги вратат надежите и тоа многу реални за настап во квалификациите за Европа Лигата.
Со триумф против отпишанината Победа во последното коло викендов Македонија Ѓ.П. може да биде и четвртопласирана, но најверојатно ќе биде петта, а и таа позиција по новиот развој на настаните ќе води во Европа.
За четвртото место меѓусебна битка бијат Шкупи и Работнички, а поразениот од тој меч нема да игра во Европа. Моментно Работнички е на четвртото место со 46 бода, Шкупи е петти со 45, а Македонија Ѓ.П. и Ренова се зад нив со по 44 бода, но „лавовите“ имаат подобар меѓусебен скор со „гипсарите, што им дава поповолна позција пред одигрувањето на последното коло.
Триумф против Победа, која е во распад веројатно нема да биде проблем за Македонија Ѓ.П., а со тоа тие ќе бидат и пред Ренова и пред еден од двајцата скопски ривали Работнички, или Шкупи што ќе значи учество во квалификациите за Европа Лигата.