Од Вараждин си заминуваме со измешани емоции

По две победи, ремија и порази е билансот со кој ракометната репрезентација на Македонија се претстави на Светското првенство. Сите шест меча беа одиграни во Вараждин кој како да ни е судбина, по трети пат играме таму на големи натпреварувања, а пласманот на конечната табела ни е од 13-то до 16-то место, што е напредок во однос на претходните два Мундијали.

Првиот натпревар со Унгарија како да го одбележа настапот на Македонија. Целиот фокус беше на тој меч, Фалангата беше во голем број и даде поддршка, бевме блиску до победа, но освоивме „само“ бод против фаворитот. Останува жал за пропуштената шанса и уште долго можеме да си зборуваме што би било кога би било и каков тек ќе имаше првенството ако Македонија ја совладаше Унгарија и пренесеше два бода во втората фаза.

Следуваше контроверзниот меч со Холандија на кој противникот ни шутна дури 12 седмерци, а добивме и две исклучувања.

По казните за македонската федерација за однесувањето на публиката и за хрватската федерација како лош организатор, дојдоа оние неубави сцени со агресивните претреси и исфрлање на луѓе од салата затоа што го носеле поранешното знаме на Македонија. Победата над Гвинеја беше очекувана и отидовме во втората фаза.

После второто наше реми на СП, овојпат со ослабената Австрија, се чини дека ги загубивме реалните шанси за четвртфинале, а победата над Катар донесе нова радост и задоволство. Шлагот на тортата беше пресметката со моќната Франција, од кој може само да се учи.

Си заминуваме, беше гордост да се следи македонскиот тим кој многумина го пофалија дека игра модерен ракомет. Којзнае, можеби еден ден пак ќе се вратиме во Вараждин и пак во фан зоната ќе ечи македонската песна без која овој град повторно е тивок како претходно.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести