Фудбалските репрезентации на Македонија и Малта досега имале шест меѓусебни дуели, а традицијата ја фаворизира нашата селекција.
Против вечерашниот ривал, против кој се отвораат квалификациите за ЕП 2024, Македонија извојувала пет победи, а една било нерешена, и тоа на последниот меѓусебен дуел во Ла Валета во август 2010 година. Вкупната гол-разлика е 15-2.
Првиот дуел против Малта, Црвено-жолтите го имаа во 1996 година во Прилеп, а на дождливото време извојувана е победа од 1-0 со гол на Саша Ќириќ.
Потоа имавме победи од 2-0, 4-0, 2-1 и 5-0, за на крајот да ремизираме 1-1 во пријателски меч игран во 2010 година. Тогаш стрелец за Македонија беше Иван Тричковски, а селектор Мирсад Јонуз.
Традицијата вели чист кец, но фаворитската улога треба да се оправда и на теренот на арената „Тодор Проески“.