Одби да игра за репрезентацијата, сега нема да смее ни за тимот

Репрезентацијата на Северна Ирска ги загуби сите шанси во Лигата на Европа, откако по три меча нема освоено ниту еден бод. Босна и Херцеговина два пати беше подобра од оваа селекција, а еднаш се радуваше и Австрија.

Селекторот на Северна Ирска, Мајкл О’Нил имаше големи проблеми околу составот, па затоа и не се изненадување овие порази. Вил Григ се повреди, а на собирот воопшто не се појави Кајл Лаферти, па националниот тим остана без ниту еден квалитетен класичен напаѓач.

Иако беше уредно повикан да биде дел од репрезентацијата, Лаферти не ни сакаше да помисли да дојде, велејќи дека е повреден. Подоцна се потврди дека оваа повреда била лажирана и дека играчот се подготвува за настап за својот клуб Глазгов Ренџерс.

Напаѓачот сепак нема да може веднаш да настапи на клупско ниво. Челниците на Северна Ирска решија да го искористат правилото на ФИФА кое вели дека играчот кој лажно пријавува повреда, ќе биде суспендиран и од клупскиот фудбал.

„Фудбалерот не се јави на поканата и со тоа го прекрши правилото на ФИФА. Затоа Северна Ирска реши да го искористи правото дадено во анексот 1, секција 5, а тоа е да не му дозволи да настапи на следниот меч за својот клуб“, стои во објаснувањето на фудбалската федерација на Северна Ирска.

Поради ова, Лаферти нема да биде во составот на Ренџерс за дуелот против Хамилтон.

 

- Оглас -

Најнови вести