Машката одбојкарска репрезентација на Македонија денес и официјално ги започна подготовките за настапот во квалификациите за пласман на Европското првенство чии домаќини во 2026 ќе бидат Бугарија, Финска, Италија и Романија.
За разлика од настапите во Европската златна лига, Македонија доби големо засилување во искусниот Александар Љафтов, кој се враќа во репрезентацијата и ќе се обиде да помогне во дуелите против Грција и Грузија.
„Денес почнуваме со подготовките за, според мене, поважниот дел бидејќи јас ги пропуштив натпреварите од Европската лига. Сега се подготвуваме за квалификациите за Европското првенство, нѐ очекува многу напорна работа, нѐ очекуваат два тешки натпревари против Грузија и Грција. Ќе се подготвуваме максимално и се надевам на две победи, за наредното лето да влеземе порастоварени и да ни биде потребна само една победа за пласман на Европското првенство по четвртипат по ред“, вели Александар Љафтов.
Избраниците на селекторот Хари Наковски квалификациите ги започнуваат со гостински меч против Грузија, во Тбилиси на 17 август, додека мечот против Грција ќе се одигра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје на 25 август со почеток во 20:15 часот. Пласман на Европско првенство ќе обезбедат само првопласираните селекции, како и петте најдобри второпласирани од седумте групи.
Почеток на подготовките означија и одбојкарките, кои исто како и машките колеги, тренираат во Маврово. Женската одбојкарска репрезентација ќе има два натпревара од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2026, чии домаќини ќе бидат Азербејџан, Чешка, Шведска и Турција.
„Трета година по ред се собира женската одбојкарска репрезентација. Возбудата е голема, пристигнавме сите, ги гледам насмеани. Ќе играме два квалификациски натпревариа против познати противници. Со Австрија ќе играме на домашен терен, со нив се сретнавме и минатата година во Европската лига, добро знаеме што нѐ очекува. Против Грција играме на гости и тие ни се добро познати бидејќи со нив се сретнавме на Медитеранските игри во Алжир. Амбициите се големи, целта е да се покажаме во подобро светло за разлика од претходните две години“, вели примачот на женската одбојкарска репрезентација на Македонија, Тамара Стојанова.
Дуелот против Австрија ќе се игра на 17 август во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, со почеток во 20:15 часот, додека гостувањето кај Грција ќе биде во Солун на 28 август. Пласман на женското Европско првенство ќе обезбедат само првопласираните селекции, како и пет најдобри второпласирани од седумте групи.