Вечерва од 19 часот (пренос на МРТ3) во данскиот град Шлагелсе, македонската одбојкарска репрезентација ќе го почне настапот на вториот турнир од групата А во Европската Сребрена лига, и ќе се обиде да им врати на Данците за поразот на првиот турнир во Струмица кога нашата селекција не освои ниту еден сет.
Тој пораз дополнително ги мотивираше македонските одбојкари кои се надеваат на реванш и враќање на победничкиот пат. Идниот викенд, на 5 и 6 јуни во Струмица ќе се игра фајнал-форот на Сребрената лига.
На финалниот турнир во Струмица, освен Македонија и Данска, треба д аиграат и двете најдобри селекции од групата Б во која се Хрватска, Луксембург, Унгарија и Австрија. Во таа група викендов ќе се одржи вториот турнир, домаќин е Луксембург, а по првиот турнир води Унгарија со осум бода, пред Хрватска и Австрија со по пет и Луксембург без бодови.
Македонија трипати беше втора и еднаш трета во Сребрената лига, а овојпат најавите се дека одиме на титула и можност за настап во Златната лига.