Одбојкарската репрезентација на Македонија ја победи Грузија со максимални 3-0 во сетови и обезбеди пласман на Европското првенство. Ќе биде тоа четврто учество за Македонија на континенталните шампионати.
Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски ја збришаа Грузија, знаејќи дека само на таков начин, со убедлив триумф и сет-количник ќе ја остварат целта.
Првиот сет Македонија го доби со 25-13 и најави дека е решена да слави убедливо.
Во вториот сет речиси идентична слика, а македонските одбојкари славеа со 25-16.
Третиот сет беше малку проблематичен, Грузијците двапати имаа по два поени предност (9-11), но потоа следеше голема серија на Македонија, и комплетирање на триумфот со 25-17.
Македонија патува на четврто последовно Европско првенство, откако се најде меѓу петте најдобри второпласирани селекции во квалификациите.