Одбојкарите од државата бараат иста награда како фудбалерите, велат ЕП си е ЕП!

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, ги прими македонските одбојкари и претставниците на Одбојкарската федерација на Македонија по повод пласманот на Европското првенство 2021.

Претседателот на ОФМ, Петар Јовановски, ја истакна добрата соработка со Агенцијата и побара државата кон одбојкарите да има ист третман како и кон фудбалерите кои исто така годинава ќе ја претставуваат нашата земја на Европско првенство.

„Мора да потенцирам дека имаме прекрасна соработка со АМС во последните 3-4 години. Би побарал рамноправност за играчите. Фудбалерите добија награда, се пласираа на ЕВРО, им честитам, но и ние се наоѓаме на завршница на Европско првенство, па сметам дека сите треба да издејствуваме и да побараме од Владата и одбојкарите да добијат иста награда“, изјави претседателот на ОФМ.

Македонските одбојкари вторпат ќе играат на континенталните самити, па сегашните очекувања се поинакви од оние во 2019, и апетитите растат.

„Среќни сме за успехот што го направивме, ќе биде од корист не само за нас во репрезентацијата, туку и за развојот на целата одбојка. Нема да застанеме тука, ќе одиме на ЕП за да оствариме уште подобар резултат од претходниот шампионат“, рече примачот Владо Милев.

„Имаме одлични генерации на младинци и на кадети коишто треба да ги поддржиме за да бидат наша достојна замена кога ќе замине сегашната генерација. Мислам дека сме на добар пат да ја кренеме одбојката на повисоко ниво“, оптимист е средниот блокер Ристо Николов.

Следните активности на националниот тим се во мај, кога Спартанците треба да играат натпревари од сребрениот сегмент на Европската лига.

- Оглас -

Најнови вести